„Дрон Клиника“ Скопје: Единствен специјализиран сервис за DJI дронови со германски стандарди
- D-r On Klinika
- Aug 19
- 3 min read

Мојата приказна со електрониката започна уште во најраното детство. Како дете имав незапирлива љубопитност да откријам како функционираат работите. Постојано расклопував далечински управувачи, стари транзистори, DVD плеери и мобилни телефони, не за да ги расипам, туку за да разберам што се крие зад пластиката. Таа детска љубопитност со текот на времето прерасна во вистинска професија.
Животниот пат ме однесе во Германија, каде што на почетокот работев различни работи. Таму го запознав мојот пријател Лук, кој ја делеше истата страст кон електрониката. Во слободното време купувавме и поправавме расипани колички на далечинско управување, а потоа набавивме и два неисправни дронoви, од кои успеавме да составиме еден целосно функционален. Тоа беше почетокот на нашето хоби, кое многу брзо прерасна во нешто многу поголемо.

Одлучивме да објавиме оглас за поправка на дронови во слободно време, а вистинскиот пресврт се случи за време на пандемијата со Ковид-19. Како и многу други, останав без работа. Наместо да се откажаме, ја видовме таа криза како можност за успех и пробување во индустријата. Заедно со Лук го претворивме горниот кат од куќата на неговата баба во наша прва работилница. Не беше луксузен сервис, туку мало место исполнето со алат, резервни делови и огромна желба да успееме.
Почетоците беа навистина тешки. Бевме само двајца и во некои денови имавме работа едвај по два часа. Имаше многу сомнежи, неизвесност и моменти кога се прашувавме дали сме ја донеле вистинската одлука. Но, никогаш не ни недостигаше желба за работа. Верувавме дека ако секој клиент добие максимална посветеност и квалитетна услуга, резултатите ќе дојдат. Работевме, учевме од секоја поправка, вложувавме во ново знаење и не се откажувавме дури и кога изгледаше дека напредокот е премногу бавен.
Ден по ден, пакет по пакет, довербата на клиентите растеше. Од сервис кој започна со само неколку поправки месечно, за само три години изградивме професионален центар кој денес реализира повеќе од 3.500 поправки годишно. Во меѓувреме успешно ја завршив специјализираната обука на DJI во Германија и се стекнав со сертификатот DJI Enterprise Solution Engineering. Како круна на целиот вложен труд и упорност, ја добивме и престижната награда за најиновативен и најуспешен старт-ап во Германија.

Денес нашиот тим брои осум вработени и сме официјални партнери на DJI. Зад нас стојат успешни соработки со компании како Deutsche Bahn, ZDF, Deutsche Post, IKEA, Netflix и DHL. Редовно учествуваме на најголемите специјализирани саеми за дронови во Германија и континуирано обучуваме нови кадри, пренесувајќи го нашето знаење и искуство.
Токму тоа искуство сакав да го донесам и во Македонија. Забележав дека интересот за дронови постојано расте, но недостасуваше професионална сервисна поддршка според светски стандарди. Така ја основав „Дрон Клиника“ во Скопје – специјализиран центар каде што сопствениците на дронови можат да добијат целосна техничка поддршка, сервисирање, продажба, консултации и обука.

Денес зад мене стои професионален тим кој лично го обучив според германските стандарди. Освен ентузијасти и професионални пилоти, наши клиенти се и фотографи, продукциски куќи, геодетски компании, компании од енергетскиот сектор и многу други организации кои инвестираат во современа технологија. Кај нас клиентите можат да купат нови дронови, да добијат техничка поддршка, како и стручно менторство за полагање на А1/А3 дозвола за управување со дронови.

Она што нè издвојува е нашиот целосен фокус. Не поправаме телефони, телевизори или друга електроника. Работиме исклучиво со дронови, што ни овозможува постојано да ја надградуваме нашата експертиза и да им понудиме на клиентите највисоко ниво на услуга.
Давид Илиевски





Comments